Friday, November 9, 2007

Уште малку светлина пред крахот...

...Сврти го своето слепо око кон темнината, не ја гледај, престани да нуркаш во длабочините на својот дух и погледни со свежина во очите кон новото изгрејсонце. Зграпчи го раѓањето како најсветол чин и конечно увиди ја формата на предметите. Види како тие се обликуваат под светлината која што надоаѓа, и заборави ја ноќта во која се се меша и испреплетува, а аглите ја губат својата трансцедентна смисла. Што е вистинскиот идеал, зарем не е тоа јасноста предизвикана од правите линии?! Отфрли го сомнежот и види ја вистинската природа на нештата...

Тој ред и тој рај се створени исто толку од ѓаволот колку што се од Бог, светол и совршен; Но кажи ми сезнаен, дали тие постојат... Не е светот поделен на две, та белото да содржи темнина, а црното малку светлина, ниту умот е поделен на две, та секогаш да знае што е право, а што е криво. Не е ли човекот и неговите површни расудувања тие што ги создадоа поимите добро и зло, за да не го сопираат воздишките на битието кога ги создаваше големите дела. Човекот сега може повеќе да се гордее со себеси, откако ја зазема високата свест за перспективите. Зарем не беа овие длабочини местото каде сите работи се случија, пред да го испуштат својот здив врз нештата. И овој хаос, кој ќе го нарече задимена нејасност? - зарем не изника од него сета светлина. Неговото дело е најголемото - сета разновидност во светот. Дури и самата еволуција се порекна себеси со свеста во човекот. Не е право да се говори за идеали, онаму каде што се трага по вистина - нивната светлина и нивната еуфорија често го заслепуваат оној што трага. Не е право да се каже дека еден гледа нанадвор или навнатре, бидејќи се се манифестира и трансформира низ сферите на умот. Нешто подлабоко се одвива овде...

Кога бев мал еден лудак кој ја „предвидува“ идинината ми рече: „Тебе мајка ти ти ги пере алиштата“. Жалното беше што го разбрав. Но не е така, јас сум слободен човек, чиј ум е повремено опсенет со колективна свест. Но перцепциите лажат, повеќе внатрешните отколку надворешните:
„Јас сум исполнет, препукнувам! Јас сум вселена, космос за себеси!“
„Јас сум празнина, ништожност, вакуум кој не постои. Јас сум тажно животно загрижено за својата егзистенција.„
„Не е така! Јас сум творец, прво движење, вртешка што се врти самата од себеси...“

Јас сум она што го создавам.

No comments: