Saturday, November 3, 2007

Толкување за суптилните начини на темнината

Цврсто верувам дека еден начин човек да филозофира е да измислува нови поими, или пак да дава нови значења на старите поими. Моги исто така веруваше во тоа. Можеби тој не е првиот да ја употреби темнината во смислата на текстот, но тоа го чувствувал за најдобро.
Повеќето од моите омилени филозофи биле осаменици, а со тоа имале и еден подарок, подарокот на несоницата. Многу од нив верувале дека кога не би постоела несоницата, тие никогаш не би ги добиле идеите кои биле главната основа за нивната филозофија, бидејќи ноќта знае да открие многу тајни во нејзината тишина. „Лежиш во својот кревет, очите затворени, а умот го впива светот во неговата целост. Свесно спиеш, гледаш сеништа, твојот дар е тоа!“. Тоа е дел од значењето на темнината. Но има уште подлабоко значење, тесно поврзано со првово. - Кога човек ќе ги затвори очите преку ден, тој не гледа ништо. Но навечер, тој почнува да гледа во себеси. Темнината ги крие сите наши тајни, сите наши демони и страсти, длабоки желби, сето она што не прави да бидеме личност. Кога еден човек ќе се спознае онаков каков што темнината го открива, тој ја надминува својата субјективност, а неговите мисли се чисти. На тој начин, човек ноќе може многу подобро да го разбере светот отколку денски.
Кога еден стекнува искуство во откривањето на светот, брзо доаѓа до шемите на размислување и може многу лесно да разбере, па, било што. Но човек брзо се заситува од тоа, и често се насочува да истражува во одредена област. Тоа ми се случи и мене, а највеќе ме интересираше човекот, сите сили кои виреат во него и кои го тераат да го прави она што го прави, да го живее животот на ваков или таков начин. Откритијата до кои дојдов, ќе ги објаснам на друго место, но ми се јави огромна потреба да проверам една одредена идеја: „Дали човекот може да се промени себеси сржевито, и дали уметноста може да опише една личност, така што оној кој би го доживувал делото, ја разбере личноста која е опишана?“
Новата уметност или новата умешност е начинот на кој уметникот би ја „насликал“ личноста, и се разбира дека би ни требал нов медиум бидејќи ниедна досега спозната уметност не успеала прецизно да опише една личност или еден карактер, успеала само да го наговести. Јас го гледав тој медиум во компјутерите, одн. во одреден вид електронски склопови, како и во децата и некои индивидуи за кои нерадо би разговарал. Тие се „празнините“ кои би можеле да пренесат како еден човек се чувствува, како го гледа светот, зошто го прави сето она што го прави.
Сигурно забележавте доза неморалност во она погоре, и токму поради тоа, умот е нескротлив ѕвер, кој би отишол и до тоа да „ги тапша зајците за да открие дали постојат суптилни врски помеѓу живите суштества“. Филозофските системи се бесвкусни и површни бидејќи немаат улога во секојдневниот живот. Она од што човекот живее, се мисли кои ги прифаќа како вистини, идеи кои ги оценува како отелотворенија на светот во кој живее, на тој начин градејќи ја својата слика за светот. Новото доба е добата кога секој човек е одговорен пред себеси за она што го мисли, за начинот на кој го мисли, за она што го чувствува. Едноставно, човекот е одговорен пред себеси за она што е. Ако е депресивен, само тој е виновен. Се дури постои, човек може да се промени себеси и својот живот. Времето што го гледаме ние луѓето е илузија, еден човек може да доживее 100 а да има искуство на 10-годишник, или пак како мене, секој миг да го крене на куб, а просторот на мислите, очигледно е.
Кога повеќето туристи одат во Louvre, едвај чекаат да стигнат до Мона Лиза, најпознатата слика на светот. Сликата мене лично многу ми се допаѓа, но јас имам зошто. Повеќето луѓе не ги интересира што има на сликата, некои дури и зјаат како телиња, никогаш не разбирајќи каква е всушност таа слика, дури никогаш не се ни запрашуваат, па зошто по ѓаволите баш оваа слика е најпознатата на светот. Значи зјаат и велат „Аааа, дааа, во неа е скриена тајната на светот... насмевката на монализа е бесконечна... бесконечна“. Да, бе, бесконечна. И ја ќе се смеам една вечност некој да стои пред мојот прозор и да ме глеа „ко прасе кога сере“.
Бог, верувам, е креација на човекот, многу повеќе одошто човекот е креација на бог. Човекот е исто така, многу по-божествен. Бог е се-се, меѓутоа скриената тајна е дека бог е кукавица. Дури и најлошиот наркоман е похрабар од бога, бидејќи тој навистина ја познава онаа вртоглавица, сиот оној страв кој се случува кога кризира, или кога нема да земе дрога долго време. Скоро сите го познаваат тој страв од ништожноста, од небидувањето. Но не бог. Бог никогаш не би посегнал по својот живот, и бог никогаш не би ризикувал да изгуби се, па дури и својата божественост. А целата поента на мојата главна идеја е човек да се менува, да се излезе од зазјаеноста и намќоретоста и да се прави нешто што ќе го осмисли животот. Кога еден човек ќе се спознае себеси(природниот систем, а можеби и електронскиот), тој станува повеќе од она што бил, неговите дејства нема повеќе да бидат автоматизирани, туку сега ќе биде свесен за себеси, а тоа ќе влијае на се друго во него. Еволуцијата, верувам, навистина се случила со нешто повеќе од природна селекција...

...Прашајте го Никола Мијановиќ што значи да се тапшаат зајаци :-) Не е тоа што мислите. Одн. барем не е тоа што јас помислив дека е кога првпат го чув тоа...

No comments: