Friday, November 9, 2007

Уште малку светлина пред крахот...

...Сврти го своето слепо око кон темнината, не ја гледај, престани да нуркаш во длабочините на својот дух и погледни со свежина во очите кон новото изгрејсонце. Зграпчи го раѓањето како најсветол чин и конечно увиди ја формата на предметите. Види како тие се обликуваат под светлината која што надоаѓа, и заборави ја ноќта во која се се меша и испреплетува, а аглите ја губат својата трансцедентна смисла. Што е вистинскиот идеал, зарем не е тоа јасноста предизвикана од правите линии?! Отфрли го сомнежот и види ја вистинската природа на нештата...

Тој ред и тој рај се створени исто толку од ѓаволот колку што се од Бог, светол и совршен; Но кажи ми сезнаен, дали тие постојат... Не е светот поделен на две, та белото да содржи темнина, а црното малку светлина, ниту умот е поделен на две, та секогаш да знае што е право, а што е криво. Не е ли човекот и неговите површни расудувања тие што ги создадоа поимите добро и зло, за да не го сопираат воздишките на битието кога ги создаваше големите дела. Човекот сега може повеќе да се гордее со себеси, откако ја зазема високата свест за перспективите. Зарем не беа овие длабочини местото каде сите работи се случија, пред да го испуштат својот здив врз нештата. И овој хаос, кој ќе го нарече задимена нејасност? - зарем не изника од него сета светлина. Неговото дело е најголемото - сета разновидност во светот. Дури и самата еволуција се порекна себеси со свеста во човекот. Не е право да се говори за идеали, онаму каде што се трага по вистина - нивната светлина и нивната еуфорија често го заслепуваат оној што трага. Не е право да се каже дека еден гледа нанадвор или навнатре, бидејќи се се манифестира и трансформира низ сферите на умот. Нешто подлабоко се одвива овде...

Кога бев мал еден лудак кој ја „предвидува“ идинината ми рече: „Тебе мајка ти ти ги пере алиштата“. Жалното беше што го разбрав. Но не е така, јас сум слободен човек, чиј ум е повремено опсенет со колективна свест. Но перцепциите лажат, повеќе внатрешните отколку надворешните:
„Јас сум исполнет, препукнувам! Јас сум вселена, космос за себеси!“
„Јас сум празнина, ништожност, вакуум кој не постои. Јас сум тажно животно загрижено за својата егзистенција.„
„Не е така! Јас сум творец, прво движење, вртешка што се врти самата од себеси...“

Јас сум она што го создавам.

Делата го вртат својот каменест грб кон површниот ум

В мрачна самотија зграпчи го стравот;
Што е најтешко за еден човечки дух?!
Зарем можеш да го видиш небото сино,
откако в ноќно огледало го здогледа своето лице.
Зошто ли беше тмурно лицето,
Зошто ли беше бледа и искривена ставата,
во тоа огледало.
Зарем владее таа црно-бела вистина,
та после радост огромна,
громка тага лик да сокрива.
Како ли спадна тој ум голем,
и дали воопшто постоеше?
Дали постојам Јас?

Зарем може една патетичност да го смали
ова срце кое еднаш буриња крв точеше?
Во дни без профаната светлина,
ќе ја наречам жед оваа спаднатост на умот,
и ќе и ја лишам на уметноста.
Не се генијални идеи за едно грубо секојдневие,
а големите дела секогаш доаѓаат на крајот.
Сево ова што се случува во светот на луѓето,
е да биде површно сфатено, засега.
Големата љубов е авантура, засега.
Делата го вртат својот каменест грб кон површниот ум.

„Толку рано тој ја спозна светлината, и толку длабок го виде животот, та ова изгледа на спора смрт, но упорно кратење на закржлавениот изданок, дава можност за величествен крај на болното раѓање, а тоа е Дело„

Не-толку-сјајни дни

Чекориш по патот, толку несигурен за својата возраст... „Осумнаесет или Деветнаесет“... „март `86, март 2005, Деветнаесет“...
Вистински филозофски трактат би бил човек да се запрашува за староста на својата утроба, кога 19 години изгледаат толку многу и толку пропустени. Го движам своето тело низ три погледи, и набљудувам: Пропустено е времето бидејќи толку малку створи, пропустено е бидејќи толку малку живееше, а сепак, во спореба со другите, твоето време беше најосмислено, но не е прекрасно да се сетиш на сите твои желби, копнежи, надежи, страдања и љубов и да речеш дека тие светови биле само подготовка.
Чекориш по патот, имаш 19 години, посегањето по ѕвезди и посакувањето се само далечно минато; имаш сеќавања за некоја магија која умееше да ја правиш, како и солзите за нејзиниот сегашен изглед. Спојот на сонот и јавето, сништата одживеани во свет свет кој се менува постојано како камелеон, сите четки, новите бои, новиот Вид, сите тие сега изгледаат како дел од сништа кои исчезнуваат во смогот. Разбуди се број 359/04, општеството го очекува механизирањето на твоите мисли и твоите чувства.

Стохастички-генерирани мисли

„Сеуште не разбирам како скептиците не изумреле, давајќи му ја моќта на разумот, кога сета наука и должи на ингениозната интуиција како творечки елемент и трудољубувоста, како целосно противење на човечката природа. Разумот е само алатка за проверка на овие вистини, но тој не е достоен да му се припише толкава заслуга, дотаму што, тој не може да поднесе толкава одговорност.“

„Филозофијата не е мртва, таа штотуку открива едно од своите нови бледи лица. Дури и научниците почнаа да сфаќаат дека иамат свест. Се чувствува вкусот на новите погледи како озонот кој се пушта под тежината на облаците. Она море Ниче го гледаше од премногу далеку, тој не виде колку е разнобојно, но сепак знаеше колку храброст треба за човек да се нурне во него. Тој сети дека човек само движејки се низ идеите може да живее во тоа море полно отрови и цветови, па дури и во најголемата екстаза ја сети болката кога еден човек ја отвора вратата кон сите светови. Знаеше тој колку многу мудроста е потребна за да го слушаш здивот на ветрот, бидејќи тој не ја носи само својата сила...“

Интроспекција еп.1 ... Збогување со умот, и Оне за дрогата

„Како најбрзо да се излечи јадеж во умот, ќе го извадиш умот“
Темнино, длабоко чувствувам дека ќе се соочам со твоето црвено лице повторно, та ти од крвта си. Зарем е возможно да се всукувам без бледилото на сомнежот? Ќе дојде ден кога времето ќе ги запре своите стрели кон моето тело и часовникот ќе престане да чука против мислите; Само нека живее тој момент подолго во „суровиот реалне свет“, да не се ужаснувам од сомнежот на идентитетот во најдлабокиот слој на личноста, правејќи ги нејзините темели нестабилни за навек. Сега кога сум на полпат, со лицето свртено кон таа празнина која никогаш не исчезнува, гледам колку површно е сфаќањето за дрогите. Глупаво е да се рече дека тие го креираат потенцијалот и ја стимулираат интелегенцијата, тоа е невозможно по хемиски пат, тоа е само возможно со помош на свеста, бидејќи и самите генијални идеи се смели подвизи на свеста, но не онакви лесни и будалести какви што дрогата ги прави. Дрогата е можеби само начин да го избегнеш разумот во моменти кога тој е надвор од својата сфера.

Прибелешка: Оне е спротивно од Ода.

Saturday, November 3, 2007

На моите Радишански ридови, Во светот на умот

Пријатно е да седиш на овој рид, оваа ливада која мирно го пречекува здивот на топлото утро. Далеку е сега она диво пулсирање на лудилото на измиените умови. Сите тие извици сега стануваат тивки шепотења кои постепено исчезнуваат, исто како ѕвездите со светлината која надоаѓа. Постои едно прекрасно чувство кога ја дочекуваш зората со свеж ум, како да си бил сведок кога светот настанувал, а тој подарок ти бил даден само тебе. Заглавен во сивите клетки на гррадскиот бес и забрзаното чукање на срцето предизвикано од малодушноста на технологијата, човек би рекол дека погледот кон смртта го избиструва видот и им дава вистинска перспектива на важните нешта во животот. Но тоа е само последица од патетиката која владее во градот. Среќен човек сум на ова место, каде навистина е возможно да се достигне мирот на селската идила. Сега сите тие фрустрации и критични перцепции се само мали гневни меурчиња кои немирно танцуваат низ ветрот во мугрите, а луѓето ја придобиваат нивната универзална форма - лесни нишкасти будалетинки кои се вртат и превиткуваат бидејќи толку длабоко го проголтале здивот на сите оние минливи работи. О, никогаш повеќе со презрив поглед и сожалување нема да гледам кон овој обоен свет на спокојство; Ваму каде што владее слободата и внатрешното задоволство, место на ое се родиле старите уметности, место на кое живеат оние кои го сакаат животот и не се трудат да го исцрпат до последната капка. Животот тече, но тој е метафизичка река: - Да речеш дека ќе го живееш целосно денес, значи да сметаш дека секој ден е последен; Но тој последен ден никогаш не доаѓа, тој последен ден е толку далеку од ова место, а погледот на оние кои го сметаат животот за сунѓер натопен во крв често ги доведува до суштината на патетиката. Но ова место е поинакво, овде целосно ги согледуваме универзалните страни на стварите; Ова е место каде првото откритие на еден Тао-ученик е дека единството на спротивностите е само механизмот на човечката природа која ги доведува сите нешта до компромис, а целиот систем на светот црно-бело-сив е само делче од можностите на умот. Да речеш дека ссе се сведува на некоја основа на систем, значи да го ограничиш умот да размислува во тој систем. Тоа е како да фантазираш за некоја лекција по физика, а потоа да ја научиш на памет.
Овој свет би можел да биде наречен сонлив, но меланхолијата не е него дел. Тој е едноставно променлив и неверојатен во некои моменти, што самата стварност ја губи својата апсолутна смисла. Оние кои само го насетиле овој свет, рекле дека стварите се сепак, релативни; Оние кои тука живееле, биле наречени луди, а оние пак, кои скришум ги јаделе плодовите наречени забранети, биле наречени гении. Но ова е местото каде универзумот дише во човекот, ова е подлогата на наредната еволуција.

Темнината го открива патот кон познанието на СЕ! Види толкувањето.

Темнината повторно повикува.
Ни треба нов медиум за новата уметност; Што подобро од празнина може да ја фати состојбата на човечката душа... Умот навистина копнее по своето знаење, по она што му припаѓа, како лавот за својата храна. Далечни се сега системите, кога сите нивни принципи ги направија бесвкусни и површни. Дојде ново доба. Колку ли длабока треба да биде твојата мисла за утрото да не ја осветли. О, колку длабока треба да биде твојата душа, да ги скрие сништата во нејзината бистрина. Не постои време, просторот е мал, но комплексен. "Infinity" е формулата на дејство за оној кој сака да ги именува делата без да ги спознае. Ниту бог не е доволно храбар да посегне со својата рака во себезбивањето. Кога природниот систем ќе се спознае себеси, го комплицира своето битие. Еволуцијата потекнува од подлабоки места на природата.
Се гледам себеси повторно, далеку во иднината, како повторно во казан ја матам бистрата вода... Новото задоволство, кое доаѓа од моќите на спознанието и збидувањето.
[Толкување]

Толкување за суптилните начини на темнината

Цврсто верувам дека еден начин човек да филозофира е да измислува нови поими, или пак да дава нови значења на старите поими. Моги исто така веруваше во тоа. Можеби тој не е првиот да ја употреби темнината во смислата на текстот, но тоа го чувствувал за најдобро.
Повеќето од моите омилени филозофи биле осаменици, а со тоа имале и еден подарок, подарокот на несоницата. Многу од нив верувале дека кога не би постоела несоницата, тие никогаш не би ги добиле идеите кои биле главната основа за нивната филозофија, бидејќи ноќта знае да открие многу тајни во нејзината тишина. „Лежиш во својот кревет, очите затворени, а умот го впива светот во неговата целост. Свесно спиеш, гледаш сеништа, твојот дар е тоа!“. Тоа е дел од значењето на темнината. Но има уште подлабоко значење, тесно поврзано со првово. - Кога човек ќе ги затвори очите преку ден, тој не гледа ништо. Но навечер, тој почнува да гледа во себеси. Темнината ги крие сите наши тајни, сите наши демони и страсти, длабоки желби, сето она што не прави да бидеме личност. Кога еден човек ќе се спознае онаков каков што темнината го открива, тој ја надминува својата субјективност, а неговите мисли се чисти. На тој начин, човек ноќе може многу подобро да го разбере светот отколку денски.
Кога еден стекнува искуство во откривањето на светот, брзо доаѓа до шемите на размислување и може многу лесно да разбере, па, било што. Но човек брзо се заситува од тоа, и често се насочува да истражува во одредена област. Тоа ми се случи и мене, а највеќе ме интересираше човекот, сите сили кои виреат во него и кои го тераат да го прави она што го прави, да го живее животот на ваков или таков начин. Откритијата до кои дојдов, ќе ги објаснам на друго место, но ми се јави огромна потреба да проверам една одредена идеја: „Дали човекот може да се промени себеси сржевито, и дали уметноста може да опише една личност, така што оној кој би го доживувал делото, ја разбере личноста која е опишана?“
Новата уметност или новата умешност е начинот на кој уметникот би ја „насликал“ личноста, и се разбира дека би ни требал нов медиум бидејќи ниедна досега спозната уметност не успеала прецизно да опише една личност или еден карактер, успеала само да го наговести. Јас го гледав тој медиум во компјутерите, одн. во одреден вид електронски склопови, како и во децата и некои индивидуи за кои нерадо би разговарал. Тие се „празнините“ кои би можеле да пренесат како еден човек се чувствува, како го гледа светот, зошто го прави сето она што го прави.
Сигурно забележавте доза неморалност во она погоре, и токму поради тоа, умот е нескротлив ѕвер, кој би отишол и до тоа да „ги тапша зајците за да открие дали постојат суптилни врски помеѓу живите суштества“. Филозофските системи се бесвкусни и површни бидејќи немаат улога во секојдневниот живот. Она од што човекот живее, се мисли кои ги прифаќа како вистини, идеи кои ги оценува како отелотворенија на светот во кој живее, на тој начин градејќи ја својата слика за светот. Новото доба е добата кога секој човек е одговорен пред себеси за она што го мисли, за начинот на кој го мисли, за она што го чувствува. Едноставно, човекот е одговорен пред себеси за она што е. Ако е депресивен, само тој е виновен. Се дури постои, човек може да се промени себеси и својот живот. Времето што го гледаме ние луѓето е илузија, еден човек може да доживее 100 а да има искуство на 10-годишник, или пак како мене, секој миг да го крене на куб, а просторот на мислите, очигледно е.
Кога повеќето туристи одат во Louvre, едвај чекаат да стигнат до Мона Лиза, најпознатата слика на светот. Сликата мене лично многу ми се допаѓа, но јас имам зошто. Повеќето луѓе не ги интересира што има на сликата, некои дури и зјаат како телиња, никогаш не разбирајќи каква е всушност таа слика, дури никогаш не се ни запрашуваат, па зошто по ѓаволите баш оваа слика е најпознатата на светот. Значи зјаат и велат „Аааа, дааа, во неа е скриена тајната на светот... насмевката на монализа е бесконечна... бесконечна“. Да, бе, бесконечна. И ја ќе се смеам една вечност некој да стои пред мојот прозор и да ме глеа „ко прасе кога сере“.
Бог, верувам, е креација на човекот, многу повеќе одошто човекот е креација на бог. Човекот е исто така, многу по-божествен. Бог е се-се, меѓутоа скриената тајна е дека бог е кукавица. Дури и најлошиот наркоман е похрабар од бога, бидејќи тој навистина ја познава онаа вртоглавица, сиот оној страв кој се случува кога кризира, или кога нема да земе дрога долго време. Скоро сите го познаваат тој страв од ништожноста, од небидувањето. Но не бог. Бог никогаш не би посегнал по својот живот, и бог никогаш не би ризикувал да изгуби се, па дури и својата божественост. А целата поента на мојата главна идеја е човек да се менува, да се излезе од зазјаеноста и намќоретоста и да се прави нешто што ќе го осмисли животот. Кога еден човек ќе се спознае себеси(природниот систем, а можеби и електронскиот), тој станува повеќе од она што бил, неговите дејства нема повеќе да бидат автоматизирани, туку сега ќе биде свесен за себеси, а тоа ќе влијае на се друго во него. Еволуцијата, верувам, навистина се случила со нешто повеќе од природна селекција...

...Прашајте го Никола Мијановиќ што значи да се тапшаат зајаци :-) Не е тоа што мислите. Одн. барем не е тоа што јас помислив дека е кога првпат го чув тоа...

Моги Блог F.A.Q. < Не е фак ју > :-)

Кој беше Моги?
-Моги бев јас. Но јас не сум повеќе Моги. Моги беше една прекрасна личност, која некаде, попатно умре, а сега денови и ноќи трагам по него, трагам по себеси. Зошто трагам, ќе прашате. Бидејќи немам избор, бидејќи да не бидам себеси, или барем она што порано го познавав како себеси, значи да бидам ништо, да немам личност. Сигурен сум дека многу од нас знаат како е ДА СЕ НЕМА ЛИЧНОСТ, дури и да не се свесни за тоа. Поточно, трагам бидејќи инаку јас сум една празна индивидуа која е дел од масата, постои без причина(pas de Raison d'être), и е подложна на сите фрустрации, ниски страсти, жлездени мисли и ламтежи на кои е подложен The Common Man. Моги беше бисер, повеќе од човек, а можеби и натчовек. Но тој престана да биде. Сега јас ја имам само школката и само една голема празнина. Но како што имаше обичај да рече Моги, „Светот има ѕвезди како нас, дури и наспроти темнината која го обвива“.
Да го спознаам Моги значи да се спознаам себеси.

Добро ама од кај Моги?
-Дали некогаш сте ја слушнале приказната за Претскажувачот?! Епа Моги додека беше во средно, филозофираше (понекад и го тупеше, ама углавном филозофираше) и веруваше дека секој филозоф кој гледа повисока смисла во постоењето на човекот, која допрва треба да се отелотвори или оствари, е претскажувач. Исто така, веруваше дека тој е претскажувач. Името потекнува од <Најдобрата игра која воопшто сум ја играл>. Моги е името на еден Талан кој бил голем мудрец пред неговата земја да биде окупирана од злобниот Fae Rhan. Кога Fae Rhan дошол во земјата, Моги ги предупредувал сите дека овој ќе ги направи робови, но никој не го слушал. А откако злобникот ја превзел власта, долго време го измачувал Моги и тој делумно го изгубил умот (оглупавел). Навистина треба да навлезете во играта за да го сретнете Моги, и за да го доживеете на вистински начин.

Зошто овој блог?
-Овој блог постои бидејќи мислам дека луѓето треба да чујат кој бил Моги. Ако не сите, барем оние кои ги сметам за најблиски. Најблиски, Слушате! Ако сум ви ја дал лично адресата значи дека токму вас ве сакам и почитувам, исто како што се сакам и почитувам себеси. А првата личност на која ќе ја дадам, па нека знае дека токму таа е искрата за една бура, ова е тивкиот миг, а каква ќе биде бурата, допрва ќе видиме :-)
На овој блог ќе бидат постувани многу работи што ги пишувал или думал Моги, се надевам дека ќе уживате.

Инаку сигурен сум дека доста луѓе ќе помислат оти сум ш'шрдисал, и вистина е, понекогаш, ама углавном сум океј 8-)

Претскажувачот

Приказната говори за едно далечно село кое било сместено во подножјето на огромна планина некаде во Месопотамија, на некое место кое сега веќе не постои. Големата планина била толку стрмна, што реката која течела повеќе изгледала на водопад, често го менувала својот тек и создавала прекрасни природни творби, пештери кои селаните често ги посетувале, и кои ги сметале за божествени места. Поради поставеноста и волшепството со кое зрачеле овие места, селаните длабоко верувале во мистичната природа на светот, а за нивните свештеници се верувало дека кога медитирале во длабок мир и тишина, можеле да го почувствуваат длабокиот здив на универзумот како пулсира и преку допирот на нивните дланки да го излекуваат секое суштество на земјата, па дури и да донесат дожд или да ја променат природата на предметите.
Културата на селото цветала, а со тоа и бројот на неговите населеници. Но никој, никој не успеал да ја искачи планината во чие подножје се наоѓало селото, се до денот кога еден од свештениците доживеал откровение дека тој е избраниот кој ќе се качи на планината и потоа ќе се врати на своите соселани да им ја каже вистината за светот. Наредниот ден, во зорнина, без воопшто да губи време, им соопштил на своите пријатели за својата судбина и тргнал нагоре по планината. Додека се качувал, му се чинело дека патот сам се трасира пред неговите нозе. Кога пристигнал на врвот, тој видел дека долгнавестиот врв на планината бил всушност брег на едно огромно езеро кое се сливало надолу и ја формирало реката која поминувала низ селото. Но исто така приметил дека врвовите на планината почнуваат да се распаѓаат, и дека наскоро целото езеро ќе го поплави селото. Побрзал надолу и им раскажал на селаните за тешката неволја која ќе ги снајде, но се на што наишол бил нивниот потсмев и неверување. Денови и денови тој ги убедувал дека единствениот начин да се спасат бил да се искачат на планината и да се населат на нејзините врвови, онаму каде тие не биле напукнати. Но тие се помислиле дека е луд и го избркале од селото. Тажен, тој заминал на врвовите, далеку од неговата родна земја. Претпоставувам дека талкал низ сиот свет, собирал и споделувал мудрости, и на крајот умрел сам, покрај морето, со едната рака длабоко закопана во морето, а другата нежно се нишка на брановите. Во зрелоста на својот живот, голем познавач на светот, но и вечен туѓинец во светот...